Издавач Браќа Пили
Еден од најголемите и прв издавач на разгледници од Битола е Јован Пили. Неговото име за прв пат се појавува на разгледници од 1898 година која е печатена во Германија, во печатницата на Hermann Seibt од Meissen. Иако сопственик на печатница, печатењето на разгледници го отстапува на германските печатници кои во тоа време биле најдобри и единствени во Европа за литографско печатење. Колку разгледници го носат името на Јован Пили како издавач не е познато.
Браќата Пили, Јован, Васил и Петар, својата печатарска дејност ја започнуваат во 1893 година и истата се протега сé до Втората светска војна. Во почетокот на дваесеттиот век, односно околу 1907-1912 година заедно со Кукулим, издадена е една од најубавите серии на разгледници од Битола.
Бидејќи нивните разгледници не го носат датумот на нивното издавање, повикувајќи се на датумот кога истите се испраќани, периодот би бил од 1908 до 1912 година, а некои се испраќани и подоцна сé до 1915 година. Нивните разгледници се во две поголеми групи: црно-бели и рачно обоени разгледници. Двете групи се јавуваат истовремено и се печатени од иста печатница.
Една серија, со наслов “Souvenir de Monastir”, во црно-бела техника, се појавува околу 1907 година. Бидејќи сé уште главната улица на долната разгледница го носи името на султанот Хамид, годината би била 1907 а можеби и порано. Во 1908 година Широк Сокак по Младотурската револуција го промени името во улица 10 Јули или Авенија на слободата како подоцна ја преименуваа. На долната разгледница е дел од улицата Хамиди гледано кон север, и двете џамии: Јени и Исак џамија.