Краток вовед за некои термини, скратеници и мала историја на самите разгледници од нивното појавување до денес.
По димензиите на разгледниците истите се делат на:
- Стандардни (нормални) со димензија 9 см х 14 см (3 ½” х 5 ½”). Повеќето од старите разгледници ја имаат оваа димензија.
- Континентална големина со димензии 10,5 см х 15 см (4”х 6”) претежно разгледниците печатени по 1940 година, а посебно денешните се со оваа големина.
- Преголеми. Секоја димензија поголема од континенталната големина. Овие разгледници се со димензија 13 см х 17 см (5” х 7”) и поголеми. Овие разгледници се повеќето како рекламни од туристичките компании и компаниите кои ги печатат истите, но не се барани од собирачите заради нивните димензии кои се големи и тешко се чуваат. Добрата страна е што имаат повеќе детали.
- Модерна димензија. Овие разгледници имаат димензии 14 см х 16 см ( 4 3/4” х 6 ½”). Овие разгледници често се класифицирани како помал тип од преголемите разгледници.
Во зависност од нивната сочуваност, за која собирачите посебно се интересираат, разгледниците се вбројуваат во неколку категории. Ова важи за старите разгледници. Класификацијата е по J.L.Mushbum.
- M-Mint: Совршена-перфектна разгледница штотуку излезена од печатење. Нема никакви пукнатини во бојата, без превиткување, не е пишувано на неа и е чиста. Многу ретко се среќава.
- NM-Near Mint: Како Mint но се осеќа дека е постара со лесно бледило во бојата.
- EX-Excellent: Иста е како Mint по изглед. Може да биде испратена по пошта, со поштенска марка и пишувана само на страната на адресата. Истата е чиста без никакви знаци на страната на сликата.
- VG-Very Good: Аглите на разгледницата можат да бидат малку заоблени, незабележливо да има мали пукнатини на бојата, но во вкупниот изглед да не се забележливи. Може да биде испратена по пошта, со текст на страната на адресата.
- G-Good: При оваа категорија аглите се забележливо заоблени или свиткани. Истата е испратена по пошта, со текст на страната на адресата.
- FR-Fair: Разгледницата е целосна, но со многу пукнатини, превиткувања, нечиста и со жолти флеки на хартијата. Веројатно е ретка разгледница и е многу тешко да се најде подобра.
- P-Poor: Разгледницата е искината и недостигаат делови од истата. Сликата не е целосна.
Делтиологија
Делтиологија (Deltiology) е официјално име за собирање на разгледници, и е едно од трите поголеми колекционерски хоби во светот по собирањето на поштенски марки и монети. Интересот е многу голем заради различните теми кои се на самите разгледници како: архитектура, возови, бродови, цркви, градови, познати личности, хумористични, итн. Со разгледниците може да се следи историјата на градовите за подолг временски период.
Во зависност која литература се користи, историјата на истите се разликува, но, сепак, има и додирни точки кои во целиот свет се приближно исти.
Во 1865 година на конференцијата во Карлсруе на Австро-Германската поштенска конфедерација господинот Heinrich von Stephan, кој беше главен поштенски управник на обединета Германија, за прв пат дојде со идеја со Post-blatt или поштенско ливче од подебела хартија на кое ќе му се залепи поштенска марка двојно помала по вредност од обичното писмо, и ќе има поле за адресата од едната страна и поле за порака на другата страна. Луѓето кои патуваат ќе можат да испратат кратка порака до фамилијата за нивното пристигање, а исто така ќе можат да се користат и за комерцијални пораки. Неговата идеја не се прифати од страв поштата да не работи со загуби а и од различните тарифи на поштата во Германската конфедерација.
Во 1869 година, по четири години, идејата повторно беше изнесена во Виена, Австрија, овојпат од Dr.Emmanuel Hermannпрофесор по политичка економија. Тој објасни дека народот ќе ја сака оваа карта заради поевтината тарифа, а и владата ќе има корист од истата. Идејата беше прифатена и на 22 септември 1869 година официјално беше креирана првата разгледница позната како Correspondenz-Kart. Истата почна да се печати на 1 октомври 1869 година. Успехот беше огромен. За првите три месеци беа продадени 2.926.102 разгледници. По кратко време и Германската конфедерација, на 1 јули 1870 година, почна со печатење на разгледници, а потоа следеа европските земји: Белгија, Луксембург, Велика Британија и Швајцарија во истата година. Во 1871 година Холандија, Данска, Шведска и Норвешка. Во 1872, Русија, а во 1873 Србија, Романија и Шпанија.
Во Франција, која во тоа време беше во војна со Прусија, а подоцна и граѓанската војна со комунарите ја одложи појавата на разгледниците како во другите европски земји. Господинот Louis Wolowski, кој се смета за херој за разгледниците во Франција, во 23 август 1871 година ја изнесе идејата за истите, но не беше прифатена од причина што Франција имаше огромни загуби заради војните, и неговата идеја за евтина тарифа воопшто не беше прифатлива. Тој ја повтори неговата идеја повеќе пати пред Националниот Собир и истакна дека во Европа само Франција и Турција немаат разгледници и истите немаат дискутирано околу тоа.
Но на први јануари 1873 година званично беше одобрено печатењето на истите во Франција и во првата недела беа продадени 7.412.700 разгледници.
Во Соединетите Американски Држави се одвива нешто слично како и во Европа. Првата официјална разгледница е од John P. Charlton од Филаделфија, во 1861 година. Тој, всушност, ја патентира разгледницата, но подоцна патентот му го продаде на H.L.Lipman, кој печатеше разгледници сé до 1873 година. Во оваа година американската влада ја презеде оваа работа за да неколку години подоцна одново им дозволи на приватните компании да печатат и да продаваат разгледници.
Пионерска ера (до 1898)
Сите разгледници до 1898 година припаѓаат во пионерската ера на разгледници. Истите беа употребувани за испраќање комерцијални огласи и информации за време на некои големи манифестации. Повеќето од овие разгледници беа пуштени во продажба и испратени за време на саемот во Чикаго, во 1893 година. Најголем број од овие разгледници ги има во големите американски градови, како Њујорк, Чикаго, Филаделфија и други.
Главна карактеристика на истите е што задната страна беше неподелена, со неколку хоризонтални линии за адресата на примачот. Само на овие разгледници владата имаше право да го користи зборот “Postcard”, додека сите останати го носеа името, ”Souvenir Card”, “Correspondence Card”, или “Mail Card”. На страната на адресата не беше дозволено да се пишува, па заради тоа на многу разгледници од овој период (до 1907 година) има пораки на предната страна каде е сликата. Со декрет на владата, од 19 мај 1898 година, се дозволи да се печатат “приватни разгледници” кои ќе го носат името ”Private Mailing Card”. Така настана нова ера на разгледници наречена:
Ера на приватни разгледници (од 1898 до 24 декември 1901 год.)
Во овој период многу од разгледниците од пионерската ера беа препечатени и издавани повторно. Задната страна за адресата беше, исто така, неподелена. На истите постоеше името “Private Mailing Card”. Околу 1900 година за прв пат почнаа да се печатат разгледници со слика-фотографија.
Неподелена задна страна (од 24 дек. 1901 до 1 март 1907 год.)
Со декрет на владата, од 24 декември 1901 година, се дозволи да се користи името “Post Card” или “Postcard”. Овој период кој траеше до 1907 година на секој шест месеци печатењето на разгледници беше двојно поголемо. Во Америка 75% од издадените разгледници беа од европски издавачи кои имаа отворено канцеларии во Америка и до 30 јуни 1908 година официјални податоци од американската пошта беа
677.777.798 испратени разгледници. Вкупното население во тој период беше 88.700.000 жители.
Од 1 март 1907 година беше дозволено да се пишува и на задната страна на разгледницата откако истата се подели. Од тој датум почнува нова ера на поделена задна страна која е и до денес.
Поделена задна страна (од 1 март 1907 до 1915)
Предната страна на разгледницата била резервирана само за слика, додека задната страна била поделена на два дела. Десната страна била само за адресата, додека левата задна страна остана да се пишува пораката. Оваа ера е позната како златен период на разгледниците. Во овој период во Америка испраќањето на разгледници стана хоби број еден и целиот народ стана зависен од истиот. Повеќето разгледници за американскиот пазар беа печатени во Германија која во тој период беше лидер во литографскиот процес.
Првата светска војна го прекина сето ова и печатењето во Германија на истите се прекина. Со тоа и хобито со разгледници се прекина. На пазарот останаа разгледници со многу помал квалитет од американски или англиски издавачи. Сé поголемата употреба на телефонот ги замени разгледниците како побрз начин да бидеш во контакт со некого.
Ера на бела рамка (1915-1930)
Во овој период разгледниците биле печатени со бела рамка околу сликата. Со тоа се заштеди на мастилото но квалитетот беше прилично лош. Иако немаа конкуренција од Германија, високите цени принудија многу издавачи да ја напуштат оваа работа. Истовремено филмот стана многу популарен. Но, појавата на фотографски разгледници и начинот на брзо и поевтино печатење го врати интересот за истите. Во исто време од Европа доаѓаат рачно боени разгледници кои за кратко време се изгубија од пазарот заради опасноста од бојата која содржеше олово.
Ленена ера (1930-1945 (1960?))
Самото име кажува за истите. Хартијата била направена од лен, и на разгледницата и давала груба површина. Истите биле поевтини да се произведат и биле во повеќе бои. Сите познати згради, мостови, автопати во Америка биле на овие разгледници. Напоредно со нив, се печателе и црно белите фотографски разгледници. Сето ова траело до почетокот на Втората светска војна кога материјалот беше повеќе потребен за војната.
Со појавата на фотохромната техника во процесот на печатење, во 1939 година се појави нова ера на разгледници наречена:
Фотохром ера (1939 – до денес)
Појавата на овие разгледници во 1939 година го презеде пазарот, истите ги заменија црно белите и ленените разгледници до 1945 година. Производството на истите било многу полесно и поевтино, а, што е поважно, истите беа во боја со многу висок квалитет.
Ваквата поделба на разгледниците е во Америка. Во Велика Британија поделбата оди по периоди и тоа:
- 1869-1900 период 1
- 1900-1914 период 2
- 1914-1918 период 3
- 1918-1939 период 4
- 1939-1945 период 5
- 1945-1969 период 6
- 1969-наваму период 7
Исто така, Англичаните повеќе сакаат разгледниците да ги делат по владеењето на нивните кралеви и кралици, па, според тоа, ги имаат следните периоди:
- Viktorija период до 1901 година
- Edward период од 1901 -1910 година
- George V период од 1911-1936 година
- George VI период од 1936-1952 година
- Elizabeth период од 1952 наваму
Иако периодите се разликуваат, изгледот, квалитетот и карактеристиките на разгледниците се приближно исти.
Разгледниците во Македонија, а посебно битолските разгледници, јас ги поделив на следните временски периоди:
- Отоманска Империја до 1912 година
- Балкански војни 1912 – 13
- Прва светска војна 1914 – 18
- Српска управа 1918 до 1941
- Втора светска војна 1941 – 1945
- Југославија 1945 – 1991
- Република Македонија 1991 до денес
Поделбата на разгледниците е направена по временски периоди заради и историските услови кои владееја во одредените периоди, и промените на општествено – политичките системи во истите.