„Битола низ стари разгледници“
Автор: Димче Најдов
Издавач: НУ Завод и Музеј Битола
ISBN 978-608-4754-01-5
COBISS.MK-ID 96689930
Copyright 2014 Димче Најдов

Димче Најдов
Димче Најдов

Димче Најдов е роден во Битола во 1947 година. Основно образование, Гимназија и Виша техничка школа завршува во Битола. Работи во Охрид и Битола во електро индустријата се до 1985 година. Од 1985 година живее и работи во Торонто, Канада. Во 2012 година се пензионира и се посветува на собирање и проучување на историјата на градот низ разгледници.

Книгата „Битола низ стари разгледници“ исклучиво се занимава со разгледниците од Битола во периодот од нивното прво појавување па сé до денес. Собирање разгледници, особено оние од локален интерес како сцени од градови, се многу барани кај собирачите-колекционерите. Причината за собирање на истите е многу едноставна: носталгијата. Преку нив сакаме да се вратиме во времето на нашите родители или дедовци, или да го видиме времето на нашата младост.

Но, многу посериозни колекционери се определуваат за една област со цел да ја проучуваат локалната историја во одреден временски период. Мојот интерес е Битола – мојот роден град и сите негови промени во периодот од појавувањето на првите битолски разгледници до денес. Во период повеќе од триесет години успеав да направам една интересна збирка на битолски разгледници кои се и главна тема на оваа книга. Сите прикажани разгледници во оваа книга се од мојата приватна збирка и се оригинални. 

Разгледниците, кои во време на нивното појавување беа евтини и не многу интересни, денес се историски документи кои го прикажуваат времето и изгледот на градот кога истите беа издадени. Една мала карта-разгледница може денес да нé врати назад во времето од нашиот живот, да ги прикаже промените, начинот на кој живеевме и работевме.  

Собирање на разгледници е едноставно.

Единствено што нé интересира е сликата на самата разгледница и текстот ако постои на истата.

Изреката “ Една слика илјада зборови”, се однесува токму на самите разгледници.

Времето кога истите разгледници се издадени пробав да ги документирам со датум, место, фотограф и издавач на истите. На повеќето од нив овие податоци и не постојат, па базирајќи се на пишаниот текст на истите, приближно го знаеме и периодот кога истите се издадени.

До сите собирачи на разгледници од
минатото, денешни и идни,
и, секако, до сите фотографи и издавачи
кои го направија нашето собирање
возможно, вредно и интересно

Моето прво признание е на моите родители кои ме родија со интерес да станам собирач на сé што е за Битола а посебно разгледниците. Ако тоа не го поседував, оваа книга немаше да постои, и немаше да имам интерес ни да почнам да ја пишувам.
Морам да споменам дека поттикот за собирање на истите го добив од мојот стрико Александар Најдовски, кој ми подари неколку разгледници и ја запали искрата во мене да постанам собирач на истите и секој ден да барам нови разгледници кои ќе ги поседувам во мојата збирка.
Се разбира, најголемо признание за оваа книга оди до сите фотографи, издавачи и печатари кои денес ни го даваат ова задоволство да се вратиме назад во времето кога истите беа фотографирани и испечатени.
Голема благодарност и признание на нашиот сограѓанин м-р Јове Парговски за неговата упорна и безрезервна поддршка да ја објавам оваа книга и за прв пат во нашиот град да се прикаже една серија на разгледници за подолг временски период од изгледот на градот од крајот на 19 и почетокот на 20 век, и измените на истиот по Балканските војни, а посебно Првата и Втората светска војна.
Исто така, им изразувам благодарност на Веселинка и Димитар Матов и Георѓи Пајани за преводот од француски на македонски јазик на поедини разгледници.
Лично изразувам благодарност за помошта која ја добив од следните лица: Менде Трајков и Виктор Налевски.
Благодарност до сите собирачи на разгледници, продавачи на разгледници и аукциски куќи кои ми овозможија да ја направам оваа колекција и да научам повеќе за собирањето на разгледници како хоби и историјата на нашиот град.

Автор на концепт и изработка на веб страна за книгата „Битола низ стари разгледници“

Јове Парговски (М-р) е роден 1981 година во Битола. Дипломира и магистрира на Технички факултет Битола, отсек за Графичко инженерство и дизајн. Моментално е вработен во НУ Завод и музеј Битола како стручно лице за документација и дигитализација на културно наследство. Автор е на неколку изложби, публикации, научни трудови и разни публикации во областите веб и графички дизајн.