Term thumbnail

Издавач Глигор Пасков (1870-1954)

Глигор Пасков (1870-1954) е еден од најпознатите издавачи на разгледници во минатиот век во Бугарија. Тој со својот син Георги Пасков ја создадоа издавачката куќа “Гр.Пасков”. Тој, како енергичен и образован човек, ги отвори првата книжарница и првото фотоателје во градот Хасково, Бугарија.
Сите негови разгледници се изработени во црно-бела техника по фотографска постапка, со опис и број на истите на предната страна, и неговиот заштитен знак на кој стои “Хасково” или “ГП” во мала ромбоидна фигура. На задната страна, во средината, е неговото име како издавач.
Тој издаде повеќе разгледници од Битола во текот на 1941 година и истите беа испраќани во времето на Втората светска војна. Броевите на разгледниците се повторуваат, и веројатно се работи за неколку мали серии.
Мотивите на разгледниците на Глигор Пасков се претежно околу реката Драгор и главната улица. Самата река со улиците од двете страни и поглед на врвот Пелистер е најчест мотив, но и повидните објекти околу реката, како и кај издавачите од српскиот период, се задолжителни на разгледниците. Широк Сокак, гледан кон југ или кон север е задолжителен во неговите серии. Панорамските разгледници, направени од повисоките околни места, или од минарето на џамиите, како и кај другите издавачи се јавуваат и кај него. Разгледниците од овој издавач повеќето се испраќани по пошта во Бугарија од војниците кои беа во Битола.