Attar Faik, Monastir
Издавачката дејност турскиот издавач Attar Faik почнува околу 1908 и трае сé до Балканските војни 1912 година. Сите негови разгледници се во боја - рачно боени, и се на два јазици. Францускиот е секогаш на левата горна страна, а турскиот горе десно, со арапската-старотурската азбука. Нема податоци за печатницата во која се печатени овие разгледници, но се работи за печатница од висок квалитет. Неговите разгледници се претежно поврзани со турската армија. Тука се Црвената и Белата касарна, Воената болница, Воената академија, но и објекти и места кои беа карактеристични за градот. Исто така, настаните за време на Младотурската револуција беа чест мотив од 1908 година.