Издавач Мустафа Февзи (Moustafа Fevzi), Monastir
Moustafa Fevzi е вториот и последен турски издавач на битолски разгледници од отоманскиот период. Првите негови разгледници се појавуваат по Младотурската револуција, веројатно околу 1909 година, а последните околу 1911 г., со посетата на султанот Мехмед Решат V. По овој период неговата издавачка деЈност згаснува и не се пронајдени други кои носат понов датум. Но со почетокот на Балканските војни и завршувањето на истите, завршува и отоманскиот период во Македонија и во Битола. Дека неговата издавачка дејност почнува подоцна се потврдува со фактот дека повеќето од неговите разгледници се испраќани за време на Балканските војни и Првата светска војна, а многу помалку пред тоа. Иако издава краток временски период, Moustafa Fevzi издаде голем број на разгледници. Повеќето од нив припаѓаат на серии, но некои веројатно се поединечни (2 до 3) и се од различни временски периоди. Ги има рачно боени, но повеќето се црно – бели или со прелив од зелена или сина боја. И тој ги користи печатарските услуги од германските печатници.
Покрај описот на француски, кој е задолжителен, некои но многу поретко, се и на француски и турски со старотурската азбука. Оваа серија се одликува со многу висок квалитет. Покриена со провиден заштитен филм, како ова погоре, истата изобилува со детали и острина, и на истата се видливи и најситните објекти.