Skip to content
Term thumbnail

Временски период 1. Отоманска Империја

Не се знае точно кога за прв пат се издадени првите разгледници од Битола. Ако историјата на европските држави одела напоредно во цела Европа, тогаш приближно и во Европскиот дел на Турција, а можеби со задоцнување од неколку години би се појавиле и првите разгледници и во Македонија, а веројатно во Битола и најбрзо заради нејзиното трговско и геополитичко значење.
Знаеме дека за прв пат англискиот сликар и патописец Edward Lear во 1848 година ги направи првите цртежи, а подоцна и други патописци и сликари имаат слики од нашиот град.
Почетоците на битолските разгледници треба да ги бараме пред 1900 година, односно во отоманскиот период од нашата историја.
Пред 1898 година во употреба се поштенските карти или дописници во овој дел на Турција. Турската пошта (Union
Postale Universelle Turquie) веќе ги користи истите и некои од нив имаат датум пред 1898 година. Битолските трговци кои тргуваат со западна Европа (Германија, Австро-Унгарија, Бел­гија и др.држави) го користат овој вид на комуникација преку поштата. Некои од нив се со датум 1885 до 1900 година. Турските пошти влегоа во Union Postale Universelle Turquie на 1 јули 1875 година.
Времето на појавување на битолските разгледници се поклопува, или е блиску со времето на појавување на разгледници од останатите балкански градови, кои во тоа време беа во составот на Отоманската Империја.
Во почетокот издавањето на истите беше индивидуално, и од странски издавачи и печатници, подоцна да биде преземено од домашни издавачи кои имаа книжарници или печатарски работилници.
Но, сепак, ќе чекаме сé до 1898 година кога за прв пат се појавија првите разгледници од нашиот град. Истите се печатени во Германија, во 1898 година, во печатницата на Hermann Seibt од Meissen, Saxony.