
Временски период 4. Помеѓу двете светски војни
По завршувањето на Првата светска војна градот повторно е под српска управа. Овој период, трае сé до почетокот на Втората светска војна на 6 април 1941 г. По потпишувањето на мировниот договор и повлекувањето на војските од Македонија за време на Првата светска војна, бегалците полека почнаа да се враќаат во своите домови. Огромните последици од бомбардирањето, како во материјални и човечки жртви многу тешко и бавно можеа да се поправат и надминат. Но со упорна работа и самопожртвување градот почнува да го менува својот лик што се гледа на разгледниците од тој период.
Во овој период помеѓу двете светски војни се јавија повеќе издавачи на разгледници. Скоро сите, со неколку исклучоци, беа од Битола. Заедничка карактеристика на сите издавачи е тоа што скоро сите имаа книжарници во градот или беа во печатарската дејност. Во зависност во кој период се појавија, тие оставија траен спомен од градот и жителите.
Во периодот од 1920 до 1941 година се појавуваат следните издавачи:
-Анастас Константиновиќ
-Петар Османлијевиќ
-Дијаманди Османлијевиќ
-Тодор Николиќ
-Михајло Николиќ
-Илија Ивановиќ
-Димитрија Пандаревиќ
-Браќата Пили
сите од Битола и:
– Griebach и Kraus од Загреб,
– Книжарницата на Петровиќ и Соколовиќ од Битола и Прилеп и некои други, кои издадоа по една или повеќе разгледници од овој период.
Квалитетот на разгледниците се разликува и зависи од времето кога истите се издадени. Во првите години по војната недостигот на хартија, печатарски материјали и боја се одрази на слабиот квалитет на истите. Но како времето одминува квалитетот е сé подобар и подобар и, споредени со разгледници од истиот период од другите европски држави, битолските разгледници стојат на многу високо ниво.
За ова голема заслуга имаат и печатниците каде истите биле печатени.
За жал, многу мал број на разгледници од овој период го носат името на печатницата каде истите биле испечатени. Само на некои од разгледниците на Илија Ивановиќ стои името “Графика” Нови Сад.