Term thumbnail

Временски период 6. СФР Југославија

По завршувањето на војната, целата земја влезе во фаза на обнова и изградба. Катастрофалните последици од војната се гледаа насекаде. Недостиг на сите видови материјали имаше во сите гранки од индустријата. Во таква состојба беше и печатарската индустрија. Првите разгледници по ослободувањето беа печатени на хартија со многу слаб квалитет, и на начин како пред Првата светска војна. Првите битолски раз­гледници по Втората светска војна беа издадени од туристичката агенција “Путник”, во 1948 година, со едноставен опис: 1089 Битола, и 1099 Битола.
Првите разгледници се изработени во сепиа, а како издавач се јавува Туристичката агенција “Путник”. Освен написот “Издање Путник “ други податоци нема. Подоцна како издавач на разгледници се јавува претпријатието “Путник Загреб-Фото служба, па веројатно се работи за ист издавач.
Во 1948 година се јавуваат како издавачи на битолски разгледници и две други претпријатија кои по својот квалитет не се разликуваат од претходното. Квалитетот и техниката на издавање е на многу ниско ниво, што е одраз на времето во кое тие издаваа.
Првото претпријатие е RVI Foto од Загреб, а другото е “Нова Македонија” од Скопје.