Term thumbnail

Временски период 7. Република Македонија

Од 8 септември 1991 година со прогласувањето независност на Република Македонија, Битола е втор град по големина во државата.
Во периодот од 1991 година, па сé до 1995 година не се појавија нови разгледници од градот. Разгледниците издадени порано, до 1991 година, се продаваа дури до 1997 година. Освен настанатите промени во државата, во овој период, за оваа состојба, која е карактеристична насекаде во светот, причина е појавата на компјутерот и интернетот кои ја олеснија и забрзаа комуникацијата меѓу луѓето насекаде во светот. Испраќање писмени пораки и слики преку Е-маил стана секојдневна појава, а со тоа класичните разгледници, испраќани преку поштенската служба, драстично се намалија. Но, сепак, класичната разгледница е една од најсаканите начини на комуникација меѓу луѓето и може да се рече дека е една од најупотребуваните креации на сите времиња.
Околу 1998 година за прв пат се појавуваат рагледници издадени и печатени во Македонија. Бидејќи на истите не постои датум на нивното издавање, многу е тешко хронолошки да се одреди кои се првите издавачи по 1998 година. Според датумот на нивното испраќање, “Мисома”, како издавач и дизајнер се јавува меѓу првите.
На фотографии од Петар Ставрев и дизајн од “Мисома”, истите се испечатени во печатницата “Киро Дандаро” од Битола. Општа карактеристика на овој издавач, како и на повеќето други издавачи од овој период, е повеќесликовити разгледници. Објекти од старата битолска архитектура од минатиот век се присутни на сите овие разгледници аранжирани на повеќе начини. Дигиталната фотографија и компјутерското дизајнирање го олесна издавањето на разгледници и го подигна квалитетот на многу високо ниво.
Непознати издавачи, користејќи ја истата техника, издадоа повеќе разгледници од Битола од типот повеќесликовити разгледници. Во оваа серија се оди понатаму и се внесуваат мотиви и од други делови на градот кои досега не беа прикажани. Покрај добро познатите објекти од старата битолска архитектура, се појавуваат и други стари објекти, споменици, цркви и икони, мотиви од Хераклеја итн. Исто така, квалитетот и кај овие е на високо ниво. Повеќето од нив се со нестандардни димензии и се поголеми од нормалните разгледници.
Некои од нив се изработени од фотографските студија како дигитална фотографија поединечно во моментот на порачката. Почнувајќи со неколку (4) мотиви, на некои од овие разгледници прикажани се и до десет мотиви.
Во 2004 година издадена е серија од шест битолски разгледници со мотиви од главната улица, плоштадот “Магнолија”, и споменикот на рускиот конзул од Димче Најдов како издавач. Фотографиите се од Мирко Тодоровски (1936­2006), а печатењето е извршено во “Future Graphic” од Торонто.
Стандардни по изглед, но не и по димензии, беа издадени од “Ikona Bookstores” разгледници со наслов на предната страна “Macedonia” и опис на истите на задната страна, горе лево. Димензиите им се 113 мм x 192 мм, а целата серија се состои од четири разгледници.
Завод, Музеј и Галерија од Битола, исто така, издаде серија од шест разгледници по изглед и димензии слични на оние од “Ikona Bookstores”, но претежно со вертикална ориентација. На сите разгледници се прикажани објекти од старо­градската битолска архитектура како што се: Саат кулата, зградата на Митрополијата, зградата на Ректоратот, Офицерскиот дом и други. Димензиите на овие разгледници се нестандардни и изнесуваат 100 мм x 210 мм. Фотографиите се од Горан Сотировски, а печатењето е од печатницата “Гутемберг” од Битола.
Разгледниците од број 665 до 668 се од туристичкиот водач: “Битола бабам Битола” издаден од Општината Битола во 2008 година. Покрај овие разгледници (вкупно 6 на број) и мал осврт на градот и околината како туристичка дестинација, водачот содржи карта од Битола и карта од Битолската околија и пошироко.
Со овие последни разгледници го завршуваме нашето патување низ Битола со разгледници од нивното појавување па сé до денес. Тоа не значи дека нема повеќе разгледници од нашиот град, или нема да се издаваат повеќе. И покрај дигиталната ера во која денес живееме, разгледниците остануваат да бидат онаа носталгична алка која ќе нé врзува секогаш.